Дома - Табернакул


 

ЈАВНОСТА ИМА ПРАВО ДА ЗНАЕ

За скандалозниот избор на учебници за првоодделенците, за неодговорното, непрофесионално и нетранспарентно однесување на Министерството за образование и наука и за скандалозната прес-конференција на издавачот „Просветно дело“

На нашето Отворено писмо до Премиерот и на нашата прес-конференција насловена „Скандали во изборот на учебници за првоодделенците“ издавачот „Просветно дело“ одговори со прес-конференција „по повод нападите изнесени од издавачката куќа „Табернакул“.“

За сите неправилности на кои укажавме на нашата прес-конференција понудивме докази – цитати од стручните мислења на Рецензионите комисии и Бирото за развој на образованието, од членови на Конкурсот за учебници и од членови на Законот за основно образование. Најголем дел од овие прекршувања на Конкурсот, на Законот за основно образование и на постапката за избор се однесуваа на одобрените ракописи на „Просветно дело“ бидејќи од 11 одобрени ракописи, 6 се на овој издавач.

На својата прес-конференција „Просветно дело“ не одговори на ниту едно прашање што го поставивме за очигледните неправилности и прекршувања!

Наместо тоа, нe нарече „самонаречена издавачка куќа за учебници Табернакул“.
Нивно право!

Нe обвинија дека се служиме со „клевети и инсинуации“ и со „измислици“ и дека ја напаѓаме стручноста и компетентноста на нивните автори.
Не е така!
Понудивме докази, а стручноста и компетентноста на кој било автор (не само нивните) ниту во еден момент, ниту во еден наш текст, не ја доведовме во прашање. Не се занимававме со квалитетот на ракописите туку со очигледните неправилности при изборот на ракописите.

Не заборавија да се пофалат дека „одговорно тврдиме дека поголема стручност и компетентност од овие автори што седат денес пред вас и не може да постои“!!!
Немаме коментар!

На нивната прес-конференција, на прашање на новинар: „...дали Вие ги видовте тие мислења, значи, дали е вистина дека Бирото дава мислење дека дел од учебниците не се соодветни со наставните планови и програми?“, господинот Павле Петров, генерален директор на „Просветно дело“ одговори: „Јас колку што ги видов мислењата ни за еден учебник на „Просветно дело“ што е одобрен нема такво мислење.“

Господинот Петров не видел добро!

„Користењето на понудениот ракопис е условено од внесување на наведените сугестии, особено во однос на неопфатените програмски подрачја.“ (Македонски јазик. Од пет програмски подрачја, неопфатени се четири – заб. „Табернакул“)

„... го обработува само програмското подрачје Подготовка за почетно читање и пишување“ (Македонски јазик. Од пет програмски подрачја, неопфатени се четири – заб. „Табернакул“)

„... делумно се усогласени со Наставната програма по математика“

„... во најголем дел не е усогласен со Наставната програма по математика“

„... не се запазени целите и стандардите на наставната програма и концепцијата за учебник“ (Запознавање на околината – заб. „Табернакул“)

Закон за основно образование, член 80-а: „Учебникот се изработува согласно со Наставниот план и програма за соодветното одделение и предмет и Концепцијата за учебник што, на предлог од Бирото, ја донесува министерот.“

Повторуваме, ракописот по Македонски јазик на „Просветно дело“ од проф. д-р Марија Тофовиќ-Ќамилова е буквар што и самата го потенцираше на нивната прес-конференција: „Јас сум проф. д-р Марија Тофовиќ-Ќамилова, автор на букварот издаден од оваа издавачка куќа, чиј единствен грев е што знае да пишува добри буквари“. Аманте луѓе! Има ли некој од Министерството за образование и наука, од Педагошката служба или од Бирото за развој на образованието (можеби директорката Весна Хорватовиќ) кое ги прави Наставните програми, да се осмели на проф. д-р Марија Тофовиќ-Ќамилова да и каже дека со Наставната програма по Македонски јазик за прво одделение не се бара буквар! Кога веќе тоа не и го кажала госпоѓа Ели Маказлиева, главен уредник на „Просветно дело“!

Посебна приказна е несоодветното образование на некои автори: професор по историја на книжевностите на народите на СФРЈ (Македонски јазик, издавач „Македонска искра“) и фармацевт (Запознавање на околината, издавач „Албас“). Закон за основно образование, член 80-г: „Автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистер или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, доколку со овој закон поинаку не е утврдено.“

Жалосно е што до оваа размена на аргументи („Табернакул“) и епитети и произволни искази („Просветно дело“) дојде во прв ред поради незаинтересираноста и немањето волја (претпоставуваме) на одговорните луѓе во Министерството за образование и наука и во Владата овие неправилности и прекршувања на Законот за основно образование при изборот на учебници за првоодделенците да се решат на разумен и рационален начин, како што доликува на мудри и одговорни луѓе.

Лаконскиот одговор на портпаролката на Министерството за образование и наука „...Сите оние незадоволни издавачки куќи кои немаат добиено одобрение имаат право на жалба во рок од 15 дена да се жалат во второстепена комисија при Владата на РМ“ не е вистинскиот одговор. Особено што на нашето барање до Министерството да ни се достават одредени документи и толкувања што ни се важни за жалбата до Второстепената комисија, не ни одговорија. Не станува збор за незадоволство. Станува збор за сериозни незаконитости (и сe друго што произлегува од тоа) во еден од најзначајните, ако не и најзначаен сегмент во образованието.

Кога започна кампањата на Владата:

ОБРАЗОВАНИЕ
Знаењето е сила, знаењето е моќ!

Не мислевме дека слоганот има толку буквално значење!

Земајќи ги предвид заложбите на Владата на Република Македонија за важноста на квалитетното образование, за почитување на законите и за борба против корупцијата и злоупотребата на службените должности се прашуваме: Зошто Министерството за образование и наука и неговите служби и Владата не реагираат на вакви очигледни прекршувања на Законот за основно образование, на Конкурсот за учебници и на постапката за избор на учебници за првоодделенците?

Забелешка: Сe што е во наводници (освен имињата на издавачите) се цитати.

ПРИЛОЗИ: Стручни мислења на Рецензионите комисии и на Бирото за развој на образованието за одобрените учебници
(Одредени делови од стручните мислења се болдирани од „Табернакул“)

МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 2 – „Просветно дело“, автор: д-р Марија Тофовиќ-Ќамилова, доктор на педагошки науки

МАТЕМАТИКА ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 30 – „Просветно дело“, автори: д-р Билјана Крстевска, доктор по математички науки и Кети Темелкова, дипломиран педагог

МАТЕМАТИКА ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 24 – „Просветно дело“, автори: д-р Билјана Крстевска, доктор по математички науки; Кети Темелкова, дипломиран педагог и Илир Спахију, доктор по математички науки

МАТЕМАТИКА ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 5 – автори: д-р Слаѓана Јакимовиќ, доктор по математички науки; Валентина Ангелковска, професор по одделенска настава и Весна Недановска, професор по одделенска настава

ЗАПОЗНАВАЊЕ НА ОКОЛИНАТА ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 1 – „Просветно дело“, автор: Ели Маказлиева, магистер по педагошки науки

АЛБАНСКИ ЈАЗИК ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 22 – „Просветно дело“, автори: д-р Авзи Мустафа, доктор на филолошки науки и Џеврије Мустафа, проф. по одделенска настава

МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ
шифра 36 – „Топер“, автори: Елеонора Стрезовска, професор по одделенска настава; Јадрана Симитковска, професор по македонски јазик; Татјана Нечевска, дипломиран педагог и Александра Митровска, професор по предучилишно воспитание

 

 
   
 

Книги | Учебници | CD-ROM изданија | За Табернакул | Контакти

(c) Табернакул - сите права поддржани